Штрајкот е демократско право за изразување на незадоволство на граѓаните, за остварување на некое право што ним им припаѓа а тоа не може да го остварат на легален начин. Со штрајкот треба да се натера тој што треба да им го даде тоа право, тоа и да го исполни, под страв дека, во спротивно, ќе претрпи поголеми штети одколку на штрајкувачите да не им го оствари правото. Така е во високо развиените и цивилизирани земји. Како е кај нас? Штрајкот на стечајните работници со кои повторно беа блокирани улиците во Скопје, се коси со сите демократаки правила. Во ниедна земја, стечаецот нема некое друго законско право, отколку постојните социјални права што ги имаат и другите граѓани, а тоа што се стечајци, не ги става во попривилигована состојба отколку: отпуштените работници, невработените, технолошките вишоци, вработените со мали плати и сл. Дали Владата и Собранието трпат штети од вакви штрајкови. Уво не ги боли за вакви и слични барања. Единствена штета имаме ние граѓаните, кои заради блокираните улици, заглавени во своите возила, не можеме да стигнеме да свршиме некоја работа, да стигнеме до доктор, да земеме дете од градинка или школо. Во овие возила сигурно има трипати поголеми социјални случаи отколку штрајкувачите и тоа во многу поголем број од нив. Меѓутоа, не кукаат непотребно, не бараат некој друг да им го реши проблемот, самите се фатиле во орото, стрпливо работат од утро до мрак и работи кои ги знаат и работи кои никогаш не ги работеле, само да обезбедат гола егзистенција, и со право реагираат кога тоа право на работа, некој неразумно им го оневозможува.
Има и трагични примери. Пред две години мојот најдобар пријател почина како директна последица на блокрианоте улици во цело Скопје (штрајкот за продажбата на ЕСМ) Зошто? Затоа што некои сеирџии, без да размислат какви последици може да предизвика нивната слепа сервилност спрема некои политчки диктати, безмилосно ги малтретираат своите сограѓани, наместо тоа да го направат спрема оние, кои според нив, тоа го заслужуваат. Нели се свесни дека нивните пораки никој не ги слуша и дека кај граѓаните немаат ама баш никакви симпатии.Ниту ЕСМ не се продаде, ниту стечајците ќе добијат повеќе од тоа шти им припаѓа, ниту пак било каква популистичка тактика во ваков стил во иднина ќе им вроди со плод. Уште колку ли штети, допрва ќе направат на оние, кои тоа најмалку го заслужуваат?