Состојбата во Македонија во многу прилега на оној скеч од К-15 кога на Албанецот, Американецот и Македонецот им се нудат три опции за да се спасат од казан. Албанецот го ископа каналот што му се бараше и го пуштија, Американецот си плати и него го пуштија. Македонцетот проба да копа канал не успеа, проба да пасе трева и пак не успеа и на крај мораше да плати за да се спаси од казан.
Изгледа на многу не им е јасно дека Македонија се наоѓа пред историска шанса која никако не смее да се пропушти. Доколку тоа се случи, највероватно ќе се најдеме на осмиот колосек, од каде ќе ги гледаме возовите што ќе фрчат во два правца околу нас, и на крај ќе побараме маневрарка да не врати на некој колосек. Само прашање е со какви регистрации ќе биде таа машина. Сигурно ни една нема да ни одговара.
Сосема е легитимно нашето право во заштита на нашето име. За тоа имаме милион аргументи. Грција нема ниту еден, освен „аргументите“ што ги користат некои сомнителни организации да не кажам мафијашки.
Меѓутоа, нашиот долен сосед има уште еден дополнителен аргумент: Им седнавме во скут и тој аргумент многу вешто го користат. Од овој лавиринт има само еден излез: ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА. Чиста прагма. Тоа ќе значи дака по секоја цена треба да влеземе во НАТО и тоа може итри политичари многу добро да го одработат, за да бидат и волкот сит и овците на број. Влегувањето во НАТО е еден чекор пред Европската унија, а не влегувањето 100 чекора назад. Ако влеземе во овие организации, може, понатаму многу подобро и поактивно да работиме на зачувување и унапредување на нашиот идентитет. Не влегувањето, дефинитивно ќе значи, дека ќе станеме топовска мета на сите оние што имаат вековни, како и актуелни територијални претензии кон нас.
Сигурно овој став нема да им се допадне на „загрижените Македонци“ .Меѓу другите, тоа се и оние Македонци, љубители на јадење бурек, кои кога слушнаа дека „борците за човекови права“ ќе го гранатираат Скопје, се разбегаа во внатрешноста на Македонија и на плажите во Грција. Ги оставија во Скопје оние, кои сега бараат од нив и од нас да си ги решат основните егзистенцијални потреби.
А што му фали на име ГОРНА МАКЕДОНИЈА. Тоа значи дека долните се под нас.