Пишува: Димитар Андоновски, овл. ревизор
Пред неколку години се одржа семинар за стечајни управници, организиран и финасиран Канадската Влада. Семинарот беше одлично организиран и раководен од искусен стечаен управник од Канада мислам се викаше Дејвид, а презентери беа наши млади економисти кои претходно биле на обука во Канада, како и стечајните судии од Скопје. Меѓу нив беше и Владислав Тамбурковски, младо детенце, за кои веднаш стекнавме впечаток дека ароганција му избива од сите сетила. Дури се дрзна, пред нас, се искусни сметководители, да ни држи предавање за сметководство, а се виде дека нема ни секунда стаж во сметководството. За дивно чудо предавањето за сметководството му беше одлично, вешто одбегнуваше делови од сметководството кои не му беа познати, а се апострофираше на оние теми што многу нас не ни беа доволно познати. Семинарот заврши што заврши, ни дадоа дипломи, како на секој семинар. На крајот искусниот канаѓанец ни испрати две пораки: првата, стечајните управници во Канада се многу богати и втората за стечаен управник мора да се назначи лице со големо работно и животно искуство, со образложение дека стечајниот управник треба да располага и управува не само со имотот на фирмите туку и со многу човечки судбини на вработените на фирмите во стечај, за што е потребно големо искуство не само за да го сочува имотот на фирмите, туку и достоинството на стечајните работници. Според него стечајните управници прво треба да се калат во стечаите на мали фирми и да во текот на кариерата добиваат се поголеми фирми. Очигледно дека Тамбурковски ја разбрал само првата порака, бидејќи се изненадив кога веднаш по семинарот, го видов како стечаен управник на едни од најголемите фирми во Македонија. Се уште ми се во сеќавање сцените како новинарите со камери го бркаат младиот 26-27 годишен стечаен управник по ходниците на фирмите.
Мотивите за втората порака се логични. Стечајниот управник во една голема фирма располага со голем имот за кои претендираат луѓе со секакви намери од нај искрени до нај преварантски. За овие вторите не постојат пречки кои што не можат да ги прескокнат, така да е во нивен интерес, стечајниот управник да биде некое детенце кое ќе го поминат жеден преку вода, без разлика на неговата стручна наобразба и интелегенција.
Е, сега тука доаѓаме и до мотивот на овој текст. Кој го именувал Тамбурковски за стечаен управник и зошто го именувал кога знаел дека господинот е без никакво работно и животно искуство, кој му наложил такво именување. Кој му ги дал стечаите во големи фирми и дали зад сите овие непознаници стои организирана група со големи финансиски апетити и капитал. Дали веќе уште во почетокот Тамбурковски самиот си пресудил, бидејќи со оглед на неговото искуство, сигурно не ни бил свесен, дека тешко можел да се справи со искусни и организирани криминалци , кои очигледно се етбалирани и во највисоките судски инстанци.
Вчера прочитав дека Тамбурковски е осуден во отсуство 5 години затвор. Колку ли треба да добијат неговите ментори?